Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ќе го одбележат Светскиот ден на храната под мотото „Право на храна за подобар живот и подобра иднина: Никој да не биде изоставен.“
Светскиот ден на храната се одбележува секоја година на 16 октомври кога во 1945 година е основана ФАО. Овој ден има за цел да ја подигне свеста за глобалниот проблем со гладот и да повика на колективна акција за градење одржлива иднина за храната, луѓето и планетата.
Стотици настани во над 150 земји го прават Светскиот ден на храната еден од најпознатите денови во календарот на Обединетите нации, со активно учество на јавноста, владите, локалните заедници, приватниот сектор, граѓанските организации, младите и медиумите.
Секоја година ФАО избира посебна тема за Светскиот ден на храната. Годинава, фокусот е на правото на храни за подобар живот и подобра иднина. Употребата на терминот „храна“ во множина е намерна со цел да се нагласи потребата за разновидност, квалитетна исхрана, достапност и безбедност на храната што се конзумира.

