Од 10 ноември годинава на границите граѓаните ќе мора да дадат отпечатоци од четири прсти и фотографија на лицето, во рамки на новиот Систем за влез и излез (ЕЕС). Ова ќе важи за државјаните на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово, Украина и други земји на чии граѓани не им треба виза за влез во Европската Унија.

Според Европската комисија, ова правило не важи за деца помлади од 12 години.

Државјаните кои за влез во ЕУ требаат виза ќе треба да внесат само фотографија на лицето, бидејќи отпечатоците се веќе регистрирани при поднесување на визата.

Ќе се собираат информации за патната исправа и други лични податоци на патниците, вклучувајќи ги и датумите на влез и излез и електронски ќе бидат регистрирани во системот.

„Доколку го надминете дозволениот период во европските земји кои користат EES, системот ќе ве идентификува и ќе ги запише овие податоци. Во случај властите да ви одбијат влез, системот ќе ги евидентира и овие податоци“, посочуваат од Европската комисија.

Оттаму појаснуваат дека дозволата за престој во ЕУ, односно во земјите од Шенген, се води како период од 90 дена во кои било 180 дена и се брои како еден период за сите европски земји кои користат ЕЕС.

Тие посочуваат дека европските земји кои користат EES можат да одлучат дополнително да ги автоматизираат нивните процеси. Автоматизацијата значи дека граѓаните кои не се членки на ЕУ можат да имаат корист од наменската опрема – „систем за самопослужување“.

 

 

 

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *