Новиот видеоспот на поп-ѕвездата Лејди Гага, снимен во францускиот музеј „Лувр“ на почетокот на овој септември, веќе може да се погледне на интернет, по повод претстојниот почеток на прикажувањето на филмот „Џокер 2“ во којшто глуми и таа, но и поради отворањето на новата изложба. Спотот е всушност соработка меѓу „Лувр“ и филмското студио „Ворнер брос пикчрс“ што го продуцираше видеото. Уметницата, која летово со свој настап учетвуваше и на отворањето на Олимписките игри во Париз, в петок ќе го објави и новиот албум „Harlequin“ (Харлекин), поврзан со филмот. Ова не е првпат музејот „Лувр“ да соработува со музички ѕвезди. Меѓу поп-ѕвездите кои снимале тука се Вил-Ај-Ем, Бијонсе и Џеј Зи. Музејот неодамна објави и слики од приватната посета на Селин Дион, пред нејзиниот настап на Олимписките игри.