88% од македонските домаќинства имале пристап на интернет од дома, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за првото тримесечје од 2023 година. Видеоповици, учество во социјални мрежи и испраќање на инстант пораки, се активностите за кои интернетот во земјава бил користен најмногу.
За десет години, бројот на домаќинства со пристап до интернет од дома се зголемил за речиси 23 отсто. Ако во 2013 година пристап на интернет имале 65,1 отсто, годинава нивниот процент изнесува 88. На прашањето дали имаат пристап до интернет, негативно одговориле 10,5 отсто од домаќинствата, а дека не знаат дали имаат пристап рекле 1,5 проценти.
Најголеми корисници на интернет се младите на возраст од 15 до 24 години, од кои сите 100 отсто одговориле оти биле онлајн во последните три месеци. Од нив, 96,5 проценти користат интернет неколку пати во текот на денот, а преостанатите 3,5 отсто рекле дека користат интернет секој ден или речиси секој ден.