Повеќе од 5 милиони лица го следеа последниот лет на кралицата Елизабета Втора, чиј ковчег синоќа беше пренесен од шкотскиот главен град Единбург во Лондон.Тоа беше лет што имаше најмногу следбеници во историјата на интернетот, соопшти веб страницата „Flightradar24“.Таа објави дека 4,79 милиони луѓе го следеле летот преку интернет, а уште четвртина милион лица на ЈуТјуб каналот.Елизабета Втора, монархот со најдолг стаж во Велика Британија, почина на 8 септември во замокот Балморал во Шкотска, а нејзиниот погреб ќе се одржи на 19 септември во Лондон.
Инаку погребот на Елизабета Втора в понеделник ќе биде еден од најголемите собири на кралски семејства и државници во Европа во изминатите неколку децении. Поканите биле испратени изминатиот викенд, при што се очекува да присуствуваат околу 500 шефови на држави и странски достоинственици, а Македонија ќе ја претставува претседателот Стево Пендаровски. Од најголем дел од лидерите е побарано да дојдат со комерцијални летови и им било кажано дека масовно ќе бидат превезувани со автобуси од локација во западен Лондон.