Исламската држава објавила постер со четирите стадиони во кои ќе се играат натпреварите од Лигата на шампионите заедно со грозна порака со нив. Полицијата и војската се спремни!
Пред 20-тина дена екстремистите на Исламската држава во концертната сала Крокус во Москва убија 143 луѓе и ранија над 200, а сега упатија нова страшна закана. Странските медиуми јавуваат дека Ал Азаим, фондацијата преку која се шират пораките на Исламската држава, објавила постер на кој се прикажани Паркот на принцовите, Сантијаго Бернабеу, Ванда Метрополитано и Емиратите, со порака „Убијте ги сите!“.
Тоа се стадионите на кои неделава ќе се играат првите четвртфинални натпревари од Лигата на шампионите: во вторник се среќаваат Реал Мадрид – Манчестер Сити и Арсенал – Баерн Минхен, а во среда Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд и ПСЖ – Барселона.
Мадридски АС вели дека градските власти поради тоа ангажирале 3.000 војници за да ги обезбедат двата натпревари, кои ги прогласиле за ризични.
Пред неколку дена медиумската куќа „Сарх ал-Хилафа“, исто така поврзана со ИСИЛ, објави фотографија на која повикува на напад на „Алијанц арената“ во Минхен на натпреварот помеѓу Баерн и Борусија Дортмунд.