Тамара Тодевска на 7 декември ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со кој ќе одбележи 25 години музичка кариера. Под мотото „25 години љубов“, македонската пејачка пред публиката ќе ги претстави песните од најновиот албум „Кукла жива“, но и хитовите што ја одбележаа нејзината кариера.

Концертот ќе започне во 20 часот, а Тамара ќе настапи со оркестар предводен од Емин Џијан. Публиката ќе има можност за првпат во живо да ги слушне новите композиции, заедно со добро познатите песни што со години се дел од нејзиниот музички репертоар.

Албумот „Кукла жива“ беше претставен на специјална промоција, а проектот доби и визуелна форма, со видеоспотови за песните, во режија на Мартин Трајановски.

Инаку, концертот првично беше најавен за 3 октомври, но поради подготовките за новиот албум и потребното време за организација, беше презакажан за 7 декември.

Тамара зад себе има четврт век музичко творештво, бројни хитови и настапи, а Македонија ја претставуваше и на Евровизија во 2019 година со песната „Proud“, со која го освои седмото место во финалето.

Декемврискиот концерт е замислен како музичко патување низ нејзината кариера, но и како можност за средба со публиката која ја следи сите овие години. Билетите за концертот се веќе во продажба.

19/11/2026