Голем римски базен, обложен со повеќе од осум различни видови мермер, како и добро зачуван систем за греење, открија археолозите на локалитетот Исар-Марвинци кај Валандово. Откритието, кое се наоѓа на околу седум метри под денешното ниво на земјата, открива нови детали за луксузот, архитектурата и секојдневниот живот во античкиот град.

Ископувањата во 2026 година ги спроведува Националниот археолошки музеј на Македонија, под раководство на вишиот кустос Јане Клековски. Истражувањата се насочени кон комплексот јавни римски бањи.

Базенот е долг повеќе од 4,5 метри, широк над 2,5 метри и длабок повеќе од 1,5 метри. Неговата внатрешност била украсена со различни видови мермер, што укажува дека покрај функционалната намена, објектот имал и репрезентативен карактер.

Особено значајно е откривањето на хипокаустниот систем за греење под базенот. Станува збор за римска технологија во која топол воздух од специјална печка циркулирал под подот и ги загревал просториите и водата во бањата. Голем дел од оваа конструкција е зачуван, а комплексот бил поврзан и со градскиот резервоар за вода.

Археолозите откриле и вредни движни наоди: сребрена монета од периодот меѓу 500 и 480 година пред нашата ера, бронзени монети од хеленистичкиот и римскиот период, мермерна биста на воен командант, фрагменти од скулптури и споменик од син мермер со вотивен натпис.

Исар-Марвинци е значаен археолошки локалитет со континуитет на населување од доцното бронзено време. Иако точното име на античкиот град сè уште не е утврдено, се претпоставува дека би можел да биде античка Идомене или Добер.

Римскиот град доживеал најголем развој во вториот и третиот век од нашата ера. Претходните истражувања откриле храмови, јавни објекти, одбранбени ѕидини, некропола и делови од водоводната инфраструктура.

Новото откритие на мермерниот базен и системот за греење претставува значаен придонес во проучувањето на римската архитектура и урбаниот живот на просторот на денешна  Македонија.

Новинар Никола.А

16/11/2026