Силното невреме проследено со пороен дожд, силни грмежи и урагански налети на ветер што вчера ги зафати Штип, Источна Македонија, како и Скопје, остави зад себе значителни материјални штети. Откорнати дрвја, оштетени кровни конструкции, паднати електрични столбови и оштетена урбана инфраструктура се само дел од последиците што ги предизвика временската непогода.

Во Штип, невремето предизвика сериозни оштетувања и на објектот на Клиничката болница. Дел од кровната конструкција беше откорнат, поради што од безбедносни причини неколку пациенти беа преместени на други одделенија. Надлежните информираат дека состојбата е под контрола и дека нема повредени лица, додека екипите работат на санација на штетите.

Паралелно, екипи на јавните комунални претпријатија, Територијалната противпожарна единица и Кризниот штаб се на терен и интензивно работат на расчистување на паднатите дрвја, отстранување на оштетените конструкции и нормализирање на сообраќајот и јавниот живот во погодените подрачја.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, нестабилното време продолжува и денеска. Се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, но и повремени врнежи од дожд, локална нестабилност, поројни врнежи, грмежи и засилен ветер во повеќе делови од земјата. На одделни места повторно ќе постојат услови за појава на невреме проследено со град, поради што се препорачува граѓаните да бидат внимателни и да ги следат информациите и предупредувањата од надлежните институции.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *