Започнува првото полуфинале на Изборот за песна на Евровизија 2026, каде 15 натпреварувачи ќе се борат за влез во големото финале. Годинава, Европската дифузна унија воведе значајни измени во начинот на гласање кои директно влијаат врз крајниот резултат.
Една од клучните промени е зголемувањето на бројот на членови на националното жири од 5 на 7. Покрај ова, воведено е правило барем двајца членови да бидат на возраст од 18 до 25 години. Прифатливи занимања за жирито остануваат музички новинари, критичари, професори и креативни професионалци како кореографи и режисери.
Сите членови на жирито мора да потпишат документ за непристрасност. „Членовите на жирито мора да потпишат документ со кој потврдуваат дека ќе гласаат непристрасно и дека нема да се договараат со други членови на жирито, како и дека нема да споделуваат информации на социјалните мрежи“, се наведува во новите правила.
Промени има и за публиката. Од оваа година, со цел да се спречат малверзации, од еден телефонски број или една банкарска картичка може да се гласа максимално 10 пати, наместо досегашните 20.
Пробите за настапите на 70. издание на големиот музички натпревар „Евровизија“ се објавени на официјалниот Јутјуб канал.
Триесет и пет земји учествуваат на натпреварот,. Како и во претходните години, Израел е особено во средиштето на вниманието. Во контекст на војната во Газа, активисти и чинители во културната сцена повторно повикаа на исклучување или бојкот на оваа земја. Некои земји го бојкотираат музичкиот натпревар поради учеството на Израел – нема да испраќаат учесници и нема да го емитуваат. Тоа се Ирска, Холандија, Словенија, Исланд – и Шпанија, која е една од „големите пет“ или најголемите финансиери на натпреварот.
Молдавија, Бугарија, Романија и Црна Гора се враќаат на Евровизија оваа година. Србија ја претставува од хард-рок бендот „Лавина“ со песната „Крај мене“, Хрватска етно-поп групата „Лелек“ со песната „Андромеда“, а Црна Гора од Тамара Живковиќ со песната „Нова Зора“.
ИЗВОР ТЕЛЕВИЗИЈА 24
