Еден од фаворитите на годинашното доделување на најзначајните филмски награди, филмот „Се во исто време“ си замина дома со не еден, не со два, туку со седум Оскари! Оваа интересна научно фантастична семејна драма ги освои наградите за најдобар филм, најдобра женска улога, најдобра режија, најдобра филмска монтажа, најдобро оригинално сценарио, најдобра споредна женска улога и најдобра споредна машка улога. Воената драма „На запад ништо ново“ освои четири статуетки, а филмот „Кит“ освои две.

Оскар за најдобар филм го доби „Се во исто време“, Брендан Фрејзер беше прогласен за најдобар актер за улогата во филмот „Кит“, а Мишел Јео ја однесе златната статуетка во категоријата најдобра актерка за настап во филмот „Се во исто време“.

„Оскарот го посветувам на мајка ми, на сите мајки, тие се суперхерои и без нив никој од нас не би бил тука. Ви благодарам што ми дадовте можност да бидам тука и да бидам суперхерој. Ѝ благодариме на Академијата, ова е историја е во тек!“, рече  Мишел, која стана првата актерка со азиско потекло која освоила Оскар за главна женска улога.

Сите победници
Првиот доделен Оскар беше за најдобар анимиран игран филм, кој отиде кај  „Пинокио“ на Гиљермо Дел Торо, а беше претставен од Двејн Џонсон и Емили Блант.

Оскарот за најдобра споредна машка улога го доби Ке Хуј Куан за улогата во филмот „Се во исто време“ кој со солзи ја прими неговата награда.

За најдобра споредна женска улога Оскарот ѝ припадна на Џејми Ли Кертис, исто така за улогата во филмот „Се во исто време“.

А Оскар за најдобар долгометражен документарен филм му припадна на политичкиот документарен филм „Навални“ на режисерот Даниел Рохер, кој посебно му се заблагодари на рускиот опозиционер Алексеј Навални и го посвети на сите политички затвореници ширум светот, додека на сцената му се придружи и сопругата на Навални, Јулија, која пред сите му кажа колку го сака.

Оскар за најдобар краток филм му припадна на филмот „Irish Goodbye“ во режија на Том Беркли и Рос Вајт.

Мајкл Б. Џордан и Џонатан Мејџорс го доделија Оскарот во категоријата најдобра фотографија, односно кинематографија, која ѝ припадна на филмот „На запад ништо ново“ и кинематограферот Џејмс Френд.

Во категоријата најдобра шминка и фризура, Оскарот отиде кај филмот „Кит“, а многумина се согласуваат дека тоа е сосема заслужено и оправдано.

Во категоријата најдобар костимограф, филмот „Елвис“ беше фаворит, но златната статуетка ја добија филмот „Црн пантер: Ваканда засекогаш“ и неговата креаторка Рут Картер.

Салма Хајек и Антонио Бандерас го доделија Оскарот во категоријата најдобар странски игран филм, кој му припадна на филмот „На запад ништо ново“ на режисерот Едвард Бергер, кој годинава има најмногу номинации од земјите од неанглиско говорно подрачје, дури девет од нив, вклучувајќи го и оној за најдобар филм.

Еден од најпопуларните актери во моментов, Педро Паскал и Елизабет Олсен го прогласија победникот во категоријата најдобар краток документарен филм, каде Оскар му припадна на филмот „Шепот на слонови“ на индиската режисерка Картика Гонсалвес.

Во категоријата најдобар краткометражен анимиран филм Оскар доби филмот „Момчето, кртот, лисицата и коњот“ на режисерот Питер Бајнтон.

Холивудските актери Енди Мекдауел и Хју Грант ги објавија победниците во категоријата најдобра сценографија, а Оскар отиде во рацете на филмот „На запад ништо ново“, исто како оној во категоријата најдобра оригинална партитура.

А во категоријата најдобри визуелни ефекти, Оскар освои филмот „Аватар: Патот на водата“ на Џејмс Камерон, кој целосно ги спои ефектите на анимираните и играните филмови.

Флоренс Пју и Ендрју Гарфилд го прогласија победникот во категоријата најдобро сценарио, а Оскар им припадна на Даниел Кван и Даниел Шајнерт за сценариото на филмот „Се во исто време“.

Оскар во категоријата најдобро адаптирано сценарио ѝ припадна на Сара Поли за филмот „Жените зборуваат“.

Во категоријата најдобар звук, Оскарот отиде кај филмот „Top Gun: Maverick“, а во категоријата за најдобра оригинална песна, за песната „Naatu Naatu“ на Рахул Сиплигуњ и Каал Бајрав од филмот „RRR“.

Оскар за најдобра монтажа му припадна на филмот „Се во исто време“, исто како и Оскар во категоријата за најдобра режија.

За време на доделувањето на наградата, актерот Џон Траволта, на работ на солзи, го најави делот посветен на неговите колеги кои починаа во изминатата година, а во нивна чест пееше Лени Кравиц.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *