Младата и талентирана Тамара Грујеска важи за едно од најнадежните музички имиња во Македонија.
Токму таа ќе нѐ претставува на 21. издание на детската Евровизија, кое ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција.
Вчера беше промовиран видеозаписот за нејзината евровизиска песна, со наслов „Кажи ми, кажи ми кој“.
Песната е дело на веќе докажани музичари од кај нас – текстот го напишаа Роберт Билбилов и Коста Петров, а за музиката се погрижија Билбилов и Дарко Димитров. Ова трио работеше и на евровизиската песна на Тамара Тодевска, „Proud“, со која таа го освои најголемиот пласман на Македонија на „возрасната“ Евровизија – 7. место во финалната вечер.
Франција е годинашната земја-домаќин на детската Евровизија, по минатогодишната победа на Лисандро, чија песна „Oh maman!“ беше избрана за најпопуларна во конкуренцијата од 16 земји-учеснички.