Со помош на далечински управувано возило на дното на Северноатланскиот Океан биле најдени остатоците на малата подморница „Титан“, во непосредна близина на потонатиот брод „Титаник“ со што и официјално беше ставен крај на потрагата по преживеани.
Генералниот директор на компанијата OceanGate, Стоктон Раш, нуркачот Пол Анри Наргеоле, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и пакистанскиот милијардер Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман се прогласени за мртви.
„Веднаш по ова откритие ги известивме семејствата на жртвите и во име на Крајбрежната стража на САД и сите вклучени во потрагата изразувам најдлабоко сочувство до семејствата“ – рече адмиралот Џон Маугер.
Се верува дека подморницата експлодирала на дното на океанот, во непосредна близина до пропелерот на „Титаник“. Според Daily Mail, остатоците од подморницата биле најдени на само 500m од потонатиот брод.
„Големината на полето со остатоци е во согласност со катастрофалната имплозија на бродот“ – рече Маугер.
Имплозијата настанала најверојатно затоа што надворешниот притисок бил многу поголем од притисокот во кабината, што предизвикало подморницата да се распадне.
Пронајдени се пет делови од подморницата. Некои од нив припаѓале на капсулата која го одржувала притисокот внатре во подморницата.
Вестите се потврдени и од страна на компанијата OceanGate, но и од крајбрежната страна на САД.
Во однос на звуците на тропање што се слушаа во изминатите денови, и што според многумина беа знаци на надеж, адмиралот Џон Маугер на прес-конференцијата денес изјави:
„Имплозијата предизвикала значаен звук што се шири, што може да биде звукот што сонорот успеал да го улови“ – рече тој.
Засега не се најдени телата на ниту еден од патниците, но се верува дека ниту еден од нив не можел да ја преживее експлозијата на подморницата.