Ноември продолжува да нè изненадува со температури кои повеќе потсетуваат на пролет отколку на доцна есен. По исклучително топлиот октомври во Европа, и актуелниот месец има потенцијал да се вброи меѓу најтоплите ноември во изминатите децении.
Според временските најави, периодот од 16 до 23 ноември во Македонија ќе биде исполнет со чести промени на временските услови. Температурите ќе се движат во релативно висок распон за овој период од годината, со минимални вредности околу 10 степени и дневни максимални температури кои на одредени места би можеле да достигнат и до 20 степени.
Покрај натпросечно топлото време, во текот на седмицата се очекува влијание на повеќе влажни воздушни бранови кои ќе пристигнуваат од запад. Тие ќе донесат повремени врнежи од дожд, кои на одделни места ќе бидат поинтензивни.
Поголеми количества дожд се очекуваат во западните делови од земјата, каде што ќе постојат услови и за локална појава на грмежи.
Дополнителна карактеристика на временската состојба ќе биде засилувањето на ветерот. Од среда, 18 ноември, па и во наредните денови, ќе дува силен ветер од јужен и југозападен правец. На одредени локации неговите налети повторно би можеле да достигнат брзина од околу 70 до 80 километри на час.
Така, пред нас е уште една ноемвриска седмица со вистинска временска мешавина – релативно високи температури, повремени дождови, можни грмежи и силен ветер. Наместо стабилно есенско време, ќе продолжиме да се соочуваме со чести промени и температури кои не се вообичаени за втората половина на ноември.
Новинар Никола.А
