Од 27 јули до 2 август, младата борачка Андреа Нисева ќе настапи на Светското првенство за борачки до 17 години, кое ќе се одржи во Баку, Азербејџан.
Нисева, која настапува за репрезентацијата на Бугарија, ќе се обиде да ја продолжи успешната серија резултати и повторно да се искачи на победничкиот пиедестал во категоријата до 61 килограм.
Нејзината форма влева оптимизам, особено по одличниот настап на Европското првенство во Самоков, каде што стигна до финалето и го освои сребрениот медал, потврдувајќи дека припаѓа меѓу најперспективните млади борачки во Европа.
Од Борачкиот клуб Олимпија, каде што секојдневно тренира, велат дека подготовките се одвивале според планот и дека Андреа во Баку заминува максимално подготвена.
„Очекувањата се големи, а целта е јасна – борба за медал и достојно претставување на светската сцена“, порачуваат нејзините тренери.
Светското првенство во Баку ќе ги собере најдобрите млади борачи од целиот свет, а Нисева ќе има можност уште еднаш да го потврди својот голем талент и да се бори за нов голем успех во својата кариера.

