Младински штрајк е најавен за 20 ноември во најмалку 13 европски земји, каде што студенти и средношколци повикуваат на напуштање на училниците и амфитеатрите. Зад повикот стои меѓународна коалиција на студентски и младински организации, која бара средствата наменети за вооружување да се пренасочат кон потребите на младите. Од Македонија засега нема потврда дека некоја организација ќе се приклучи на акцијата.

Повикот официјално беше објавен на 10 август, а неговата главна порака е дека младите сакаат да се борат за својата иднина, а не да учествуваат во туѓи војни. Организаторите се против зголемувањето на воените буџети и воведувањето или проширувањето на задолжителниот воен рок, а ја критикуваат и политиката на Европската Унија за забрзано вооружување. Според нив, јавните средства треба да се вложуваат во образованието, здравството, домувањето, социјалната заштита и климатските политики. Најавени се штрајкови, демонстрации, собири, блокади и окупации, со цел 20 ноември да прерасне во најголемото координирано младинско мобилизирање во Европа во последните години.

Акции се најавени во Шпанија, Португалија, Франција, Италија, Швајцарија, Велика Британија, Словенија, Австрија, Германија, Белгија, Холандија, Данска и Шведска.

Новинар Никола.А

09/11/2026