„Златната топка“ или оригинално „Ballon d’Or“ е нешто за што сонува секој фудбалер ширум светот. Некои знаат дека ова признание никогаш нема да го добијат, некои наскоро ќе го прослават по осми пат, а има и такви кои засекогаш ќе жалат што не им е доделено, а сигурно го заслужиле.
„Златната топка“ традиционално се доделува на најдобриот играч во претходната календарска година. Оваа награда се доделува од 1956 година во изборот на „Франс Фудбал“, а прв добитник е фудбалерот на Блекбурн, Стенли Метјуз.
Со седум титули рекордер е Лионел Меси, а веќе подолго време се шират гласини дека на 30 октомври Аргентинецот повторно ќе ја добие рекордната осма награда, додека Кристијано Роналдо останува на пет.
Последен добитник е Карим Бензема, а во документарецот за ланската „Златна топка“ зборуваше познатиот португалски тренер Жозе Мурињо, кој своевремено работеше со Бензема во Реал.
„Бев среќен за оваа награда за Бензема, бидејќи понекогаш имаме чувство дека „Златната топка“ наградува само талент и нешто недостасува. Чувствував исто задоволство како и со Лука Модриќ. Тој е колективен играч. Затоа што тоа е фудбалот – тимски спорт“, објаснува Жозе Мурињо во документарецот што ќе се емитува овој понеделник.
Често се водат полемики околу изборот и критериумите за доделувањето на „Златната топка“, а таков е случај и оваа година. За седум дена ќе биде познат новиот добитник, но наводно на Лионел Меси веќе му било кажано дека тој е „среќникот“.
Аргентинецот имаше пристојна сезона со ПСЖ, но историска со Аргентина бидејќи го освои Светското првенство во Катар, но сепак многу други ќе кажат дека Ерлинг Халанд со 52 гола и тројна круна со Манчестер Сити сепак заслужи да биде на тронот. Но, очигледно Норвежанецот ќе мора повеќе да работи за да биде добитник на оваа престижна награда.