Канзас Сити Чифс е победник на 57. издание на Супербоул кое се одржа во Аризона пред скоро 70.000 гледачи.
Составот на Чифс по една голема борба, неизвесност, тензија славеше над Филаделфија Иглс со резултат 38-35. Ова беше фантастичен меч во кој Иглс беа подобри во првиот дел и на пауза заминаа со предност од 24-14.
Меѓутоа по шоуто на полувремето на Ријана, подобар на теренот беше Чифс кој ги искористи своите прилики и во тесен финиш се избори за славје во дуелот на кој имаше 73 поени, односно само два помалку од рекордот (75) што јасно говори какво спектакл приредија овие два состави.
Признанието МВП заврши во рацете на квотербекот Патрик Махомс со што клетвата конечно е разбиена, поточно најкорисниот играч во сезоната конечно го грабна и престижниот трофеј во Супербоул. Ова за ѕвездата на Чифс беше второ МВП-Супербоул признание.