Дебитантскиот игран филм на Гоце Цветановски, „Бизнисот на задоволството“, ја доби наградата за највпечатлив филм (Best Impact Film) на 30. издание на меѓународниот филмски фестивал Седона во Аризона, САД.
„Прва награда во Америка и трет континент на кој што филмот е награден. Од една страна, мислам дека со оваа шеста награда филмот го оправда своето постоење, но се надевам дека фестивалскиот живот на филмот ќе донесе и нови успеси“, рече Цветановски.
Улогите во овој политички трилер ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.