Кими Антонели е новиот светски шампион во Формула 1. Дваесетгодишниот возач на Мерцедес ја обезбеди својата прва титула со третото место на Големата награда на Мексико Сити, со што стана најмладиот шампион во историјата на спортот. На патеката „Ерманос Родригес“ победи Макс Верстапен од Ред Бул, пред Луис Хамилтон од Ферари, објави 4news.mk Сепак, централното внимание го привлече Антонели, кому пласманот на подиумот му беше доволен и математички да ја обезбеди шампионската круна. Италијанецот го собори рекордот на Себастијан Фетел, кој ја освои својата прва титула во 2010 година, на 23-годишна возраст. Воедно, Антонели стана првиот италијански светски шампион по Алберто Аскари во 1953 година, завршувајќи го чекањето долго 73 години. По минувањето низ целта, новиот шампион заплака на тимското радио. Следуваа прегратки со семејството и членовите на Мерцедес, а шефот на тимот, Тото Волф, го подигна во воздух во моментите на славје. Во првата реакција, пренесена од Би-би-си, Антонели им се заблагодари на Мерцедес и на своето семејство за поддршката. Призна дека останал без зборови и дека сè уште се обидува да сфати што постигнал. Посебно значење за него имало и тоа што историскиот успех го прослави на подиумот со Верстапен и Хамилтон. Антонели ја опиша сезоната како неверојатна и изрази желба за нови меѓусебни дуели во иднина. Младиот возач призна и дека викендов чувствувал поголема напнатост од вообичаено, но по обезбедувањето на титулата сега може порастоварено да го продолжи остатокот од сезоната. Зад водечката тројка во Мексико заврши Шарл Леклер, кој успеа да го задржи Ландо Норис на петтата позиција. Џорџ Расел беше шести, пред Оскар Пјастри и Франко Колапинто, а првите десет ги комплетираа Лиам Лосон и Пјер Гасли.
Новинар Никола.А
